Денес (12.10.2022 година) во Скопје започна четиридневната обука „Вовед во државното тестирање“ во рамките на Проектот „Развој и имплементација на државното тестирање во основното образование во РСМ“. Обуката ја водат меѓународните експерти Јосе Нојонс и Жанета Џумхур, со поддршка од советници од Државниот испитен центар, а во неа учествуваат 50 наставници и професори од сите нивоа на образованието (основно, средно и високо образование).
На првиот ден од обуката на учесниците имаа можност детално да се запознаат со: општите карактеристиките на државните тестирања и со примери од различни земји, Концепцијата за државното тестирање во основното образование во РСМ, начинот на спроведување на преттестирањето во учебната 2020/2021 година и главното тестирање во учебната 2021/2022 години во III одделение и развојот на рамките за оценување за мајчин јазик (македонски јазик и албански јазик) и за математика во III одделение. Во следните три дена од обуката, учесниците ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења за креирање стандардизирани задачи со упатства за оценување и дизајнирање стандардизирани тестови за мајчин јазик (македонски јазик и албански јазик) и математика (на македонски јазик и на албански јазик).
Проектот „Развој и имплементација на државното тестирање во основното образование во РСМ“ е дел од поширокиот Проект „Унапредување на основното образование во РСМ“ што го спроведува Министерството за образование и наука, со поддршка од Светската банка.