Согласно Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2015, 145/2015, 192/2015, 30/2016, 120/2018 и 140/2018), секој директор на училиште со положен испит за директор е должен да посетува напредна обука. Директорите имаа право да изберат по четири обуки за учебната 2023/2024 година.
На 11 и 12 ноември 2023 година во Скопје, Државниот испитен центар првпат започна со реализација на напредните обуки за директори, и тоа две обуки од областа финансии и по една обука од областите воведување на наставниот кадар во воспитно-образовниот процес и дигитална писменост. На обуките беа присутни 85 директори на училишта.
На обуките, од обучувачите беа дадени корисни информации од областите и беа разгледувани примери од училишната практика. Практичните вежби и примери овозможија размена на искуства и разрешување на многу предизвици и дилеми со кои се соочуваат директорите. Учесниците активно учествуваа во секој сегмент од обуката.
Според листите за евалуација на обуката, слушателите изразија задоволство и обуката и обучувачите беа оценети со највисоки оценки.
ДРЖАВЕН ИСПИТЕН ЦЕНТАР