Државниот испитен центар прави интензивни подготовки за првото главно тестирање во рамките на државното тестирање. Тестирањето ќе се реализира во III одделение, на 1. и 2. јуни 2022 година, по наставните предмети македонски јазик, албански јазик и математика. Во примерокот се опфатени 79 училишта на македонски наставен јазик и 41 училиште на албански наставен јазик во кои бидат тестирани 4200ученици по мајчин јазик (македонски јазик или албански јазик) и 1600 ученици по математика (на македонски и на албански јазик). Основна цел на државното тестирање е да даде објективни и веродостојни податоци за остварувањето на стандардите на постигањата на учениците за наставни подрачја и наставни предмети од особена важност во текот на основното образование.
Ваквите податоци ќе обезбедат докази за развој и унапредување на образовните политики во насока на достигнување на современите светски образовни стандарди. Особено е важно да се нагласи дека податоците добиени со државното тестирање ќе бидат собирани и користени на системско ниво. Податоците не може и нема да се користат од страна на која било надлежна институција или авторитет за
следење на постигањата на поединечни ученици, за вреднување на работата на поединечни наставници или за компарација на постигањата на поединечни
училишта. Освен тестовите, изготвени се и прашалници за училишните директори, за наставниците чии ученици учествуваат во тестирањето, за учениците и за родителите.
Сите податоци од прашалниците остануваат анонимни и имаат единствена цел – анализа на позадинските фактори кои влијаат врз постигањата на учениците.
На 18 и 19 мај 2022 година беа одржани обуки (на македонски јазик и на албански јазик) за организација на тестирањето на кои учествуваа околу 240 директори и координатори од основните училишта кои се избрани во примерокот за тестирање. Наставниците, учениците и родителите сите дополнителни информации можат да ги
добијат од училишните координатори, како и од „Концепцијата за државното тестирање“ објавена на веб страната на Државниот испитен центар: https://dic.edu.mk/ Државниот испитен центар очекува позитивен став од сите лица кои се директно или индиректно инволвирани во тестирањето и ги охрабрува да го прифатат, не само како законска обврска, туку како личен влог во подобрување на квалитетот на образованието. Посебно е важно да се истакне дека не е потребно, ниту препорачливо какво било дополнително оптоварување на учениците со посебна подготовка за тестирањето затоа што главна цел на државното тестирање е да се добијат објективни податоци за знаењата на учениците стекнати во текот на целата учебна 2021/2022
година.
На сите ученици им посакуваме успех на тестирањето!