Согласно Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование, во рамките на државната матура учениците полагаат 4 предмети и проектна задача, од кои екстерни се 3 предмети. Задолжителен за сите ученици е мајчиниот јазик.
Полагањето на екстерните испити од државната матура во јунскиот испитен рок за учебната 2017/18 година ќе се одвива на:
- 02 јуни – англиски јазик, француски јазик, германски јазик и руски јазик;
- 09 јуни – македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература;
- 11 јуни – хемија, физика, биологија, историја, филозофија, естетика и бизнис;
- 13 јуни – математика.
Сите испити започнуваат точно во 10 часот. Тестирањето ќе се реализира со тестови од типот молив-хартија.
Интерните испити од изборниот дел на државната матура се спроведуваат во термини утврдени од Училишната матурска комисија на предлог на соодветните училишни предметни комисии во периодот од 15 до 29 јуни. Презентацијата и одбраната на проектната задача се одвива во периодот од 14 март до 16 мај, 2018 година.
Оние кандидати кои во јунскиот испитен рок не положиле дел или сите испити од државната матура, односно од оправдани причини не полагале државна матура или дел од државната матура во јунскиот испитен рок или им била изречена мерка прекинување (отстранување) од испитот, полагањето може да го реализираат во августовскиот испитен рок.
Реализацијата на државната матура е комплексен и обемен процес, во кој освен вработените во ДИЦ, се вклучени и голем број на надворешни соработници (членови на училишни матурски комисии, повеќе од 2000 обучени тестатори-наставници, околу 400 оценувачи, локални координатори, членови на комисии за приговори). Испитите ќе ги следат и овластени набљудувачи, вработени во: Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука и други институции надлежни за образованието во Р. Македонија.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.
Конечните резултати на кандидатите кои приговарале ќе им бидат достапни по завршување на процесот на приговори. За кандидатите кои не приговарале, прелиминарните резултати се конечни.