dic

февруари 11, 2021

Насоки за изработка на домашна писмена работа за приправнички испит

Домашната писмена работа која ќе ја избере приправникот треба да биде јасно дефиниран и конкретен проблем – тема, која е дел од содржината на програмата за полагање на стручниот испит

Правилниците и програмата можете да ја најдете тука

Избраниот проблем кој приправникот ќе го проучува, анализира, истражува и разработува од аспект на неговата практична применливост во непосредната воспитно-образовна односно наставна работа во потесното стручно подрачје на приправникот, треба да биде прикажан во писмена форма.

Стручниот материјал треба да биде во вид на ЕСЕЈ за избраниот проблем – тема, со презентирани критички ставови, оценки и сопствени стручни гледања поврзани со непосредната практика.

Co домашната писмена работа треба да се покаже познавање на проблемот, способност да се анализира и истражува проблемот по пат на примена на соодветни методи и техники на истражување, способност да се анализираат и интерпретираат добиените резултати и да се применуваат истите во функција на унапредување на воспитно-образовната дејност.

Во есејот треба да дојде до израз личниот став на авторот, сопствениот стил на изложување, заклучување и донесување на сопствен суд со аргументирано образложување.

Есејот треба да содржи:

  • Вовед (опфаќа 10-20% од текстот во кој кажувате за што ќе пишувате, на кои извори ќе се повикате и ја формулирате изјавата за тезата – централниот аргумент што ќе го наведете. Исто така, треба да се даде сопствена кратка изјава за тоа што се надевате дека ќе покажете со есејот.)
  • Тело на есејот (содржи 60-80% од есејот. Тука ги изложувате и ги докажувате резултатите на вашите истражувања. Телото треба да е составено од пасуси во кои се изложува тезата,  се наведуваат образложенија и соодветни примери, се докажува со докази и треба да се наведе како сте дошле до доказите. Секој пасус треба да биде центриран околу само еден аргумент или идеја. Целта на секој пасус се воведува со употреба на тематски реченици. Тематската реченица формира премин од претходниот пасус и го воведува аргументот што треба да се изнесе во овој пасус. Преодните зборови може да се користат за да се создадат јасни врски помеѓу речениците.)
  • Заклучок (зазема не повеќе од 10-15% од текстот. Тука повторно се навраќате на воведот и извлекувате врски помеѓу точките поставени во телото на есејот, го наведувате целокупниот исход на вашите аргументи и каков нов увид дадовте.)

При изработка на домашната работа треба да се користи фонт Ариел 12 (македонска поддршка), со проред 1,5 а целиот есеј да биде од 8 до 10 страници. На крајот на есејот треба да ставите Референтна листа на изворите кои сте ги користеле при проучување на темата.

Новости
About admin