На 02 и 04 јуни, 2021 година Државниот испитен центар го спроведе преттестирањето за државното тестирање во кое учествуваа 80 основни училишта (40 училишта со настава на македонски јазик и 40 училишта со настава на албански јазик). Околу 2750 ученици од III одделение беа тестирани по предметот мајчин јазик (македонски јазик или албански јазик), а околу 1650 ученици по предметот математика (на македонски јазик и на албански јазик). За преттестирањето беа изработени четири теста по македонски јазик, четири теста по албански јазик и пет теста по математика (на македонски и на албански јазик), како и прашалници за ученици, наставници и директори на училиштата.
Главна цел на државното тестирање е проверка на остварувањето на стандардите на постигањата во текот на основното образование. Учеството во државното тестирање е задолжително за оние ученици кои се избрани во примерокот, но резултатите не влијаат на оценките, односно на општиот успех на учениците.
Примарна цел на преттестирањето оваа година е да се проверат процедурите за реализација и мерните карактеристики на задачите од тестовите. По обработката на податоците ќе биде изработен извештај кој ќе им служи на инволвираните страни за подобрување на квалитетот на задачите и процедурите за тестирање.
Тестирањето се спроведе според протоколите за заштита од КОВИД-19 кои се користеа во текот на учебната 2020/2021 година за учениците кои наставата ја следеа со физичко присуство. Во текот на тестирање во ниту едно училиште не беа прекршени здравствените протоколи.
За правилно спроведување на преттестирањето, Државниот испитен центар спроведе обуки за училишните директори и координатори, изработи детални упатства за координаторите и тестатори, како и соодветни формулари за спроведување на тестирањето. Процесот на спроведување на тестирањето во училиштата го набљудуваа советници од Бирото за развој на образованието.
Подетални информации за државното тестирање се поместени во Концепцијата за државно тестирање објавена на веб страната на ДИЦ, на линкот:
https://dic.edu.mk/wp-content/uploads/2020/06/Koncepcija_posledna.pdf