Министерката за образование и наука, г-а Мила Царовска на 02.06.2021 година го посети Државниот испитен центар и одржа работен состанок со раководството, посветен на спроведувањето на испитите кои ги организира ДИЦ.
На состанокот главниот акцент беше ставен на организацијата на државната матура и спроведувањето на екстерните испити на 05 јуни и 11 јуни, 2021 година. Министерката беше информирана дека ДИЦ ги усвои сите здравствени протоколи врз основа на кои ќе се спроведе државната матура, а со цел заштита на здравјето на учениците, наставниците и сите други учесници во процесот.
Државната матура ќе ја полагаат над 15000 ученици распределени во простории со максимум 15 ученици. Како тестатори се ангажирани наставници од основните и средните училишта, а процесот ќе го набљудуваат овластени лица од Државниот испитен центар, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука.
На состанокот се разговараше и за подготвителните активности за изработка на целосно нова Концепција за државната матура, а министерката Царовска беше информирана и за другите активности на Државниот испитен центар, односно спроведувањето на:
– меѓународната студија ПИРЛС на репрезентативен примерок од околу 3400 ученици од IV одделение;
– преттестирањето за државното тестирање (по наставните предмети македонски јазик, албански јазик и математика) на репрезентативен примерок од околу 4000 ученици од III одделение,
– стручниот испит за наставници – приправници;
– обуката и испитите за кандидатите за директори на основни и средни училишта.
Министерката Царовска и вработените во Државниот испитен центар, на матурантите им посакуваат добро здравје, успешно полагање на испитите од државната матура и понатамошен успех на домашните и странските високообразовни институции.