Министерството за образование и наука, во соработка со Државниот испитен центар и Бирото за развој на образованието, на 27.10.2020 година организираше вебинар посветен на меѓународната студија ПИРЛС 2021 во која, покрај Република Северна Македонија, учествуваат околу 50 држави од целиот свет.
На вебинарот воведно обраќање имаше министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска која го истакна значењето на учеството во меѓународните тестирања и очекувањата резултатите од меѓународните тестирања да станат гордост на нашиот образовен систем.
Предавачи на вебинарот беа:
- м-р Тања Андонова – Митревска, раководителка на Одделението за испити и оценувања во Државниот испитен центар;
- м-р Билјана Михајловска, раководителка на Одделението за истражувања, организација и развој во Државниот испитен центар;
- д-р Марина Димитриева – Ѓорѓиевска, советничка по наставниот предмет македонски јазик во Бирото за развој на образованието.
Предавачите ги информираа учесниците за суштината, значењето и активностите поврзани со меѓународната студија ПИРЛС 2021, обврските на сите чинители вклучени во реализацијата на студијата, временската рамка на тестирањето и видот на инструментите кои ќе се користат. Исто така, учесниците добија и детални информации за применливоста на прашањата од ПИРЛС во наставата во четврто одделение.
На вебинарот учествуваа околу 500 наставници и директори на основни училишта кои имаа можност активно да се вклучат со поставување прашања за предавачите, како и со изразување на своите ставови во врска со придобивките од меѓународната студија ПИРЛС 2021.
На следниот линк можете да ја погледнете целосната снимка од вебинарот.