dic

јуни 3, 2021

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СПРОВЕДЕНОТО ТЕСТИРАЊЕ ЗА МЕЃУНАРОДНАТА СТУДИЈА ПИРЛС 2021

Во периодот 10.05 – 01.06.2021 година Државниот испитен центар, со поддршка на Министерството за образование и наука, го организираше тестирањето за ПИРЛС (Progress in International Reading Literacy Study) – меѓународната студија за проверка на оспособеноста на учениците од 9-10 – годишна возраст за читање со разбирање. Во тестирањето учествуваа 150 училишта, со репрезентативен примерок од околу 3400 ученици од IV одделение кои наставата ја следат на македонски наставен јазик и на албански наставен јазик. Согласно меѓународните процедури, тестирањето во 15 училишта се реализираше во присуство на меѓународен набљудувач, додека во останатите училишта тестирањето го набљудуваа советници од Бирото за развој на образованието.
Тестирањето се спроведе според одобрените протоколи за заштита од КОВИД-19, со максимална заштита и на учениците и на сите други вклучени во овој процес, како и со претходно обезбедена согласност од родителите на учениците. Во текот на тестирање во ниту едно училиште не беа прекршени здравствените протоколи, ниту се пријавени здравствени проблеми на учениците предизвикани од присуството на тестирањето.
Во следните три месеци Државниот испитен центар ќе го спроведе оценувањето на тестовите и обработката на податоците и истите ќе ги достави до Меѓународната организација за вреднување на образовните постигања (IEA) која ја организира студијата ПИРЛС во повеќе од 60 земји во светот. Меѓународниот извештај ќе биде објавен во 2022 година, по што ќе биде изработен и посебен извештај за резултатите на нашите ученици. Резултатите ќе бидат прикажани на државно и меѓународно ниво и на ниту еден начин нема да влијаат врз успехот на учениците или на наставниците.
Студијата ПИРЛС е фокусирана на три аспекти поврзани со читањето: процесот на разбирање; целите заради кои учениците читаат и навиките и ставовите за читањето. Преку прашалниците за ученици, родители, наставници и директори се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигањата на учениците.
Државниот испитен центар им се заблагодарува на сите ученици, наставници и стручни соработници од училиштата кои учествуваа во спроведувањето на тестирањето, како и на родителите кои ги поддржаа своите деца и, генерално, тестирањето чија основна цел е подобрување на квалитетот на образованието.

PIRLS-11
PIRLS-22

Новости
About Artan Abdulla

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *