Национално оценување

Националното оценување на постигањата на учениците во основното образование е екстерно мерење, кое обезбедува валидни податоци за знаењата и способностите на учениците на крајот од одделенската и предметната настава, како и за факторите кои влијаат на постигањата. Во Република Македонија досега национално оценување е спроведено само проектно.
Првото национално оценување на крајот од одделенската настава во нашата држава се реализираше во 2001 година, како дел од проектот Оценување и испити во Македонија. Со ова тестирање беа опфатени наставните предмети: македонски јазик, албански јазик и математика. За резултатите од ова тестирање во 2002 година е издаден и извештај.
Исто така поставени се и публикувани стандарди на постигањата за учениците од одделенска настава по: македонски јазик, албански јазик и математика. Стандардите на постигањата на учениците на крајот одделенска/предметна настава се определени преку описот на квалитетот и квантитетот на знаењата и преку очекувањата за бројот на учениците што треба да ги постигнат.
Во националното оценување определени се три нивоа на постигања: минимум стандард (90%), доволен стандард(75%) и висок стандард (10%).
Во мај 2006 година за прв пат се мереа знаењата и способностите по предметите природа и општество во IV одделениие. Извештај за постигнатите резултати на учениците е издаден во 2007 година.
Националното оценување на постигањата на учениците во VIII одделение за прв пат се спроведе во мај 2006 година по предметите: македонски јазик, албански јазик и математика. Извештај за постигнатите резултати на учениците е издаден во 2007 година.

НАЦИОНАЛНО ОЦЕНУВАЊЕ 2001 – Извештај за постигањата на учениците во одделенската настава – МАК.pdf