Blog

јуни 13, 2018

Информација за третиот и четвртиот екстерен испит од државната матура за учебната 2017/2018 година

На 11 јуни со почеток во 10:00 часот, се спроведе екстерниот испит по:  хемија, физика, биологија, историја, филозофија, естетика и бизнис во рамките на изборниот дел од државната матура во сите јавни и во неколку приватни средни училишта во Република Македонија за учениците од гимназиското, уметничкото и средното стручно образование со четиригодишно траење. За испитите од областа на природните науки оваа година беа пријавени 4078 кандидати, а за испитите од општествените науки беа пријавенивкупно 9626 кандидати.
На 13 јуни со почеток во 10:00 часот се спроведе и последниот екстерен испит, т.е. испитот по математика, како екстерен изборен предмет од државната матура. За испитот беа пријавени 1926 кандидати.
Во текот на двата дена испитите во целата држава течеа согласно сите пропишани правила и процедури без никакви проблеми. Во нивната реализација беа вклучени членовите на училишните матурски комисии, како и голем број на обучени тестатори-наставници од основните и средните училишта. Испитот го следеа 180 овластени набљудувачи, вработени во: Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука.
Државниот испитен центар изразува голема благодарност до сите учесници во овој процес: овластени набљудувачи, директори и вработени во училиштата, за максималните напори што ги вложија за успешно спроведување на овие испити.
Резултатите од екстерните испити на државната матура треба да бидат објавени најдоцна месец дена по одржувањето на последниот екстрен испит, односно до 13 јули.
На сите матуранти во нашата држава,  Државниот испитен центар им посакува успешно да го продолжат своето понатамошно образование.

Новости
About admin