Blog

јуни 2, 2018

Информацијата за испитот по странски јазик за државна матура 2018 година

Денес со почеток во 10:00 часот се спроведе екстерниот испит по  англиски, француски, германски и руски јазик во рамките на изборниот дел од државната матура во сите јавни и во неколку приватни средни училишта во Република Македонија за учениците од гимназиското, уметничкото и средното стручно образование со четиригодишно траење. За испитот за сите четири јазици вкупно беа пријавени 14 391 кандидат.

            Испитите во целата држава течеа согласно сите пропишани правила и процедури без никакви проблеми. Во нивната реализација беа вклучени членовите на училишните матурски комисии, како и околу 2000 обучени тестатори-наставници од основните и средните училишта. Испитот го следеа 180 овластени набљудувачи, вработени во: Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука.

            Државниот испитен центар им се заблагодаруваат на сите овластени набљудувачи, директори и вработени во училиштата, за максималните напори што ги вложија за успешно спроведување на овие испити. Особена благодарност изразуваат и  до сите членови на Државниот матурски одбор, кој континуирано работеше и даваше поддршка за успешна реализација на државната матура.

            Учениците матуранти покажаа висока свест, зрелост и спремност да се носат со предизвикот државна матура. На сите матуранти во Република Македонија, Државниот испитен центар им посакуваат успешно да го продолжат своето понатамошно образование.

Новости
About admin